11 Јун Завршна манифестација: Заедно сме посилни!
На 09.06. се одржа завршната манифестација на проектот „Заедно сме посилни! – преку врсничка едукација до здравје и ненасилство“, во организација на Здружение „Доверба“ Куманово, со поддршка од Ekumenska Inicijativa Žena – Omiš.
Во настанот учествуваа младите врсничките едукатори, кои поминаа дополнителна обука за креативно претставување на ненасилна комуникација и заштита на менталното здравје од сите 4 средни училишта во Куманово.
На манифестацијата се реализира и јавна евалуација – учениците искрено говореа за позитивните промени што ги почувствувале: зголемена самодоверба, подобрена комуникација и тимска работа. Се потврди дека вложената работа остави трага кај учениците кои покажаа зрелост, емпатија, одговорност и посветеност. Креативноста и енергијата на младите блесна преку поезија, музика, цртежи и драматизации – со силни пораки за здрави односи, ненасилство и грижа.
Беа прикажани и видео-презентации од работата во трите едукативни работилници, во кои преку интерактивни вежби и креативни методи се обработуваа темите на проектот.
Присутните ги плени вдахновената поезија на Дарија Трендафиловска, која на емотивен начин ја долови суштината на проектот. За музичка магија се погрижи Јована Златановска, млад вокал од бендот “Мираж” и активен учесник во проектот. Гостинка на настанот беше Гордана Кузмановска, позната кумановска пејачка, која со својот глас ги допре срцата на присутните.
Учениците изведоа и кратка драматизација за решавање на конфликт, подготвена во рамки на едукативниот процес. Просторот беше збогатен со изложба на цртежи, мотивирачки постери и креативни платна, со централна порака: „Ти си причина за нечие срце што се радува.“
Сценоследот го подготви проф. Александар Стефановски,а за целите и текот на проектот се обрати Дивна Јанкова, раководителка на проектот, а низ нејзиното обраќање, се почувствува колку е значајно кога еден проект не е само обврска, туку и мисија.
На настанот присуствуваа ученици, наставници, родители, како и претставници од училиштата и Советот на Општина Куманово.