15 Ное ОДРЖАНА РАБОТИЛНИЦА ВО ПРОЕКТОТ: „ЗДРАВИ ВРСКИ – ПРЕВЕНЦИЈА НА НАСИЛСТВО И ПОДДРШКА НА МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ КАЈ МЛАДИТЕ“
На 06.11.2026 во ОУ „Христијан Карпош“ се одржа втората работилница во рамки на проектот „Здрави врски – превенција на насилство и поддршка на менталното здравје кај младите“, кој го спроведува Здружението „Доверба“ од Куманово, a поддржан од Општина Куманово.
Преку интерактивни вежби, групни дискусии, практични примери и креативни активности, учениците имаа можност да размислуваат за тоа што ги прави пријателствата здрави и исполнети со почит, како да препознаваат нездрави и токсични обрасци во врсничките односи и како да ги изразуваат и заштитуваат сопствените лични граници.
Посебно внимание беше посветено на препознавањето на предупредувачките сигнали во односите преку вежбата „Семафор на односите“, справувањето со врсничкиот притисок, исклучувањето и дигиталните предизвици, како и на значењето на ненасилната комуникација и навременото барање поддршка.
Преку пораките за здрави пријателства и вежбите за асертивно изразување, учениците испратија важна порака: моите граници се важни, моето „НЕ“ има вредност, а вистинското пријателство се гради врз доверба, почит и прифаќање.
Веруваме дека вложувањето во знаењето, емоционалната свесност и вештините на младите е важен чекор кон создавање училишна средина во која секој ученик ќе се чувствува прифатен, безбеден и почитуван.
Здравите врски започнуваат со почит – кон себе и кон другите!